Струјата поскапува. Од 1 јануари сметките ќе бидат повисоки од 57 до 900 денари, во зависност од тоа колку трошите. Поскапување има во сите четири блока на потрошувачка, како и кај евтината тарифа, но значително пониско од она што го побара универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“, открија од Регулаторна комисија.
Во првиот блок цената на струјата ќе се зголеми за 2,45 отсто, во вториот за 2,87 отсто, во третиот за 3,32 отсто, а во четвртиот блок за 3,84 проценти. Евтината тарифа ќе поскапи за 2,5 отсто. Претседателот на комисијата, Марко Бислимовски, вели дека регулаторот драстично ги намалил побараните проценти на поскапување.
Според пресметките на Комисијата, за околу 85 отсто од домаќинствата, кои тршат струја само во првите два блока, сметките ќе им се зголемат во просек за околу 2,2 проценти или од 57 до 70 денари месечно. За оние кои влегуваат и во третиот блок, зголемувањето ќе биде околу 370 денари. Најголем удар ќе почувствуваат оние кои трошат најмногу, а кои се околу половина процент од вкупниот број потрошувачи, кај кои сметките ќе бидат повисоки за околу 900 денари месечно. Новата цена на струјата ќе важи за целата 2026 година. И покрај намалувањето на мрежарината минатиот месец, надоместокот од 200 денари останува. Од Реулаторна тврдат дека ако се укине, блоковите, вклучуваќи ја и евтината струја значително ќе поскапат.
Бислимоски ги повика малите потрошувачи наместо од ЕВН Хоум, да бараат струја на берза каде што можат да купат и до 40% поевтино. Со тоа и државните електрани ЕСМ ќе можат наместо да произведуваат скапо, да купуваат струја на берза поевтино. Во меѓувреме, Владата најверојатно ќе го прифати барањето на ЕСМ да се прогласи кризна состојба и да се посегне по државните резерви на мазут, за да не се чека од Грција, чии гранични премини поради штрајк ги блокираат тамошните земјоделци.




