Македонски возач протеран од Германија

550

Македонски професионален возач бил протеран од Германија откако го надминал дозволениот престој во Шенген-зоната за три дена. Тој добил парична казна од 150 евра и бил принуден да купи авионски билет за да ја напушти државата.

На возачот му било дозволено камионот да го предаде на друг колега, кој ја продолжил испораката на стоката до крајната дестинација. Според информации од превознички здруженија, случајот завршил со полесни последици во споредба со друг превозник од регионот, кој добил едногодишна забрана за влез во земјата.

Здруженијата на превозници од регионот предупредуваат дека правилата за престој во Шенген-зоната се строго контролирани и бараат итна средба со Европската комисија за да се најде решение за статусот на професионалните возачи.

Според нив, доколку ист возач повторно биде фатен со надминат дозволен престој, може да се соочи со забрана за влез до пет години. Поради зачестените контроли, на превозниците им се препорачува да избегнуваат одредени транспортни точки каде проверките се најинтензивни.

Проблемот со престојот на професионалните возачи од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина веќе предизвика реакции во регионот, па дел од превозниците неколку дена блокираа гранични премини со земјите членки на Европската Унија.

Од Европската комисија е најавено можност за преодно решение, но засега не е донесена конечна одлука.

Претходна вестОва е лицето одговорно за масакрот во кој се убиени 10 луѓе во училиште во Канада
Следна вестОва се Драган и Марко кои ги загубија животите на трагичен начин