Ковачевски: Нема откажување, СДСМ заедно со граѓаните, по НАТО ќе ја внесе земјата и во ЕУ

228

На вечерашниот митинг одржан во Струмица, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, изјави дека нема да се откажат од нивната цел за Македонија во ЕУ, исто како што Илинденците и Асномците во минатото не се откажале од создавањето на независна и самостојна држава.

„СДСМ заедно со претседателот Киро Глигоров ја внесе Македонија во Обединетите нации. Македонија во 2005 година го доби кандидатскиот статус за Европската Унија. И во тоа време претседател на Владата беше и претседател на СДСМ. Заедно со вас граѓаните во 2017 година успеавме да го срушиме режимот на Груевски, режим кој во континуитет ја блокираше Македонија и кон својата прогресивна иднина, но и во спроведување на своите демократски процеси. Владата предводена од СДСМ е заслужна што Македонија стана рамноправна членка на НАТО, а ефектите од тоа ги чувствуваме денес, колкаво значење има членството во НАТО во ова време. СДСМ заедно со вас, граѓаните, ќе ја внесе земјата и во Европската Унија. И од тоа не се откажуваме“, рече Ковачевски.

Ковачевски истакна и дека се свесни за казната што ја добиле во првиот круг од претседателските избори и дека го разбира револтот кои го имаат дел од граѓаните во однос на дел од политиките, одлуките и кадровските решенија изминатите неколку години.

“Но, грешките ги прифативме, лекцијата ја научивме и ја извлековме поуката од критиките. Затоа во иднина, пристапот ќе биде многу повнимателен. Ќе се соочиме со проблемите и со посветена и искрена работа, ќе работиме на решавање на тоа што граѓаните ги прави незадоволни. СДСМ секогаш е рамо до рамо со граѓаните и во мирни услови и во тешки времиња, во добро и во лошо, никогаш не сме се откажале од Македонија во која владеат социјалдемократските принципи на еднаквост, солидарност и инклузивност“, порача Ковачевски на присутните граѓани на митингот во Струмица.

Притоа, Ковачевски, потенцираше дека СДСМ покажа и докажа дека не бегаат од носењето на тешките одлуки, затоа што на долг рок тие се покажале како исправни и одлуки донесени во вистинска насока, иако некому можеби на прв поглед не му изгледало така.

„И јас и ние во СДСМ можеби ја плаќаме цената на тешките одлуки, но тоа не смее да нѐ одврати од идејата за прогрес и суштински напредок за државата. Македонија мора да биде европска земја и нема друг начин како да се направат вистински промени дома. Мора да имаме повисок стандард, подобри услови во здравството, европско образование и конечно и да воспоставиме владеење на правото во сите делови на општеството“, рече Ковачевски.

За да се постигне сето тоа и да се воспостават европските стандарди дома, клучна и суштинска е поддршката од Европската Унија и дека секој оној што го тврди спротивното, или не знае, или свесно лаже и замајува.

„Тешките одлуки понекогаш значеа и правење на компромиси. Многу внимание и знаење се вложија во процесот на членство на Македонија во НАТО. Тешките одлуки ги почувствуваа граѓаните кога носевме одлуки за 2,6 милијарди антикризни мерки. Јас бев еден од тие кои учествуваа од првиот ден на пандемијата како член на советот на техничката Влада во тоа време, потоа како заменик министер за финансии и на крај како претседател на Влада. Никогаш од тоа не правевме реклама и ПР. Затоа што никаде во светот нема да најдете социјалдемократска партија која од солидарност, од помагање на граѓаните од помагање на своите граѓаните прави ПР и ТВ реклами како што тоа го правеше, го прави и ќе го прави ВМРО – ДПМНЕ кој единствено и тоа знае да го прави, посочи Ковачевски, потсетувајќи на тоа и дека за разлика од Македонија, многу поголеми и поразвиени земји едвај излегуваа на крај со кризите.

Претходна вестЦУК: Пронајдено повозрасно лице изгубено на Плачковица
Следна вестДЕНЕСКА Е ЃУРЃОВДЕН: Бог го дарува Св. великомаченик Георгиј со сила да им помага на тие што го слават неговото име