Голем шумски пожар денеска попладне избувна во близина на Сивири на Халкидики, а поради силниот ветер огнената стихија за кратко време се прошири и се приближи до населени места.
Пожарот избувнал околу 14 часот, првично зафаќајќи ниска вегетација, но под влијание на ветерот брзо добил големи размери. До вечерта огнениот фронт достигнал речиси три километри, а пламените јазици продолжиле да се шират од двете страни на патот и во близина на домовите.
Ситуацијата предизвика масовна евакуација. Туристи со багаж, семејства со деца и домашни миленици се упатувале кон плажите, додека густ чад го прекривал небото над Касандра. На одредени места се создале долги колони автомобили, бидејќи жителите и туристите се обидувале да ја напуштат опасната зона.
Во Сивири огнот стигнал и до куќи. Едно семејство за грчката државна телевизија сведочело дека нивниот дом бил целосно уништен во пожарот. Според нивните зборови, успеале да го спасат само едно од своите кучиња.
„Изгубивме сè“, рекле тие со солзи во очите.
Зад драматичните снимки од пожарникари, противпожарни авиони и евакуации остануваат и човечки трагедии – семејства кои за само неколку часа ги загубиле своите домови и имот.
Надлежните служби продолжуваат со интервенциите на терен, додека ситуацијата се следи со зголемено внимание поради силниот ветер и опасноста од понатамошно ширење на огнот.




