Два пожари во Македонија

До 18:00 часот денеска во земјава се регистрирани вкупно 18 пожари на отворен простор, од кои два се сè уште активни, четири се ставени под контрола, а 12 се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Активен е пожарот во општина Македонски Брод, кај селото Грешница, на локалитетот Стојанова Населба, каде што горат ниска вегетација, деградирана шума и грмушки. Вториот активен пожар е во општина Струмица, меѓу селата Ново и Старо Коњарево, каде што е зафатено стрниште.

Под контрола се ставени пожарите на депонијата во Делчево, кај селото Падалиште во Гостивар, на дивата депонија во селото Долна Белица во Струга, како и пожарот кај селото Блато, во атарот на Врбјани, општина Кривогаштани.

Во меѓувреме, изгаснати се 12 пожари на територијата на општините Босилово, Валандово, Гевгелија, Гостивар, Желино, Брвеница, Неготино, Сарај, Штип, Чешиново-Облешево, како и два пожари во општина Гази Баба.

Од ЦУК апелираат до граѓаните да бидат внимателни и да не палат оган на отворено, особено во услови на високи температури и зголемена опасност од пожари.

Претходна вестУбава вест за овие луѓе: Еднократна финансиска поддршка од 5.000 денари
Следна вестПознат е идентитетот на жената која беше пронајдена мртва во Охрид