Домаќинките ги бојадисуваат првите велигденски јајца – обичаи за Велики четврток

356

Денес е Велики четврток или Величетврток — ден од Страдалната седмица. Според источното христијанство тој е шести ден од Страсната седмица, односно пет дена по Лазаровата сабота и четири по Цветници, а според западното христијанство тој е петти ден од страсната седмица, односно четири дена по Цветници.

На овој ден се прави спомен на светото миење на нозете, Тајната вечера, предавањето на страшните тајни, Првосвештеничката натприродна молитва, и самото предавство на Христос.

На овој ден рано наутро пред изгрејсонце, домаќинките ги бојадисуваат првите велигденски јајца. Најпрво каснуваат малку леб, се вртат кон исток, се прекрстуваат и ги бојат првите три црвени јајца.

Првото јајце, божјаче, откако ќе се бојадиса се остава да го „фатат“ првите зраци од сонцето, а потоа се будат децата и со него на лицето им се прави „црвено-бело“. Божјачето се чува цела година, до наредниот Велики четврток, и само ова јајце не скапува!

Црвената боја има посебно значење за Велигден. Нејзино значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а воедно ја симболизира и христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Така, бојата на јајцето не потсетува на крвта христова и спасението.

Црвените јајца во христијанството се симбол на воскресението Христово и на самиот празник Велигден. Формата го претставува гробот на Христос, како што од јајцето излегува живот кога ќе се испили, така од гробот излегол Исус Христос.

Вапсањето на јајцата се прави во спомен на настанот кога света Марија Магдалена Мироносица (тоа е таа девојка која со Пресвета Богородица, постојано била покрај Христос во текот на неговото голготско страдање и на која Христос и се јавил прв по неговото воскреснување), патувала во Рим да проповеда Евангелие и да го посети царот Тибериј. Тогаш во знак на внимание, како новогодишен подарок му однела црвено јајце и го поздравила со зборовите: Христос Воскресе.

Уште еден обичај поврзан за Велики петок е и отсуство на секаква радост. Имено, верниците тој ден не слушаат музика, не се предаваат на други радосни содржини, не се веселат, бидејќи Велики петок е најтажен христијански празник кога бил распнат Исус Христос.

Според традицијата во минатото на Величетврток жените поминуваат најмногу време во кујната. Тогаш највозрасната жена во семејството замесува велигденски леб, нарекуван уште богова пита, велигденски кравај или квасник. Велигденските леб е обреден леб и се украсува со непарен број велигденски јајца.

Велат, исто така, дека на полноќ на Величетврток небото се отвора, за да слезат кај своите блиски душите на мртвите, кои остануваат на земјата 40 дена. Во минатото на овој ден луѓето ги осветувале новите домови.

Претходна вестКолони возила на Богородица, се чека и по еден час
Следна вестНа празник си заминуваат праведните: По долго боледување, почина таткото на Тоше Проески