Денес ќе сведочат 4 лица за убиствата на Панче и Вања: ЕДЕН може да биде клучен во целата истрага

493

Судењето за грабнувањата и за свирепите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес што се случија лани во ноември, продолжува денеска во Кривичниот суд во Скопје, со сослушување на нови сведоци.

Денеска, според распоредот што го најави судијата Ивица Стефановски на првото рочиште, се очекува да сведочат Зоран Аваз, Тодорче Георгиевски, Елвис Ибрахуми и Мирче Мицевски.

На следното рочиште, кое е закажано во петок, на 15 ноември во 10 часот, се очекува да сведочат Маја Спироска, Ѓорги Џолев, Кире Тренчевски, Кристијан Плотников и Васко Стојков.

На последното рочиште кое е наменето за сослушување на сведоците, чиј термин допрва ќе биде закажан, ќе сведочат Иванка Ѓорческа, Оли Нешковиќ, Иво Нешковиќ, односно мајката, таткото и внукот на обвинетиот Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, како и Гоце Трајковски и Кираца Трајковска.

По завршувањето на сведочењата, ќе почне постапката за изведување на доказите.

За грабнувањата и убиствата на Вања и Панче се обвинети четворица извршители – Љупчо Палевски Палчо како првообвинет, и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка.

Досега се одржаа четири рочишта. На првото рочиште обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска го презентираше обвинението, според кое обвинетите го грабнале Панче Жежовски на 22 ноември (среда) од неговиот дом во Велес и го убиле со пиштол во месноста Рудник, за да му го земат автомобилот цитроен. Возилото им било потребно за да ја киднапираат Вања, со цел да изнудат пари за неа од семејството. Вања ја киднапирале на 27 ноември (понеделник) наутро во влезот на нејзината зграда во Скопје и наместо да бараат откуп од семејството, ја убиле после неколку часа, во месноста Бразда. Девојчето било изложено на силно страдање, а животот ѝ завршил на брутален начин, со истрел во главата, додека рацете и нозете ѝ биле врзани.

Сите обвинети за овие сурови злосторства се изјаснија дека се невини.

Претходна вест(ВИДЕО) Маж си стави гориво за 5.000 и побегна – снимката ја гледаат сите
Следна вестОва е резултат од рак и пневмонија – познатиот готвач на Канал 5, Антонио Јанковски моли за помош