– Судењето поврзано со убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски треба да започне денеска во Основен кривичен суд Скопје.
Основното јавно обвинителство Скопје најпрво поднесе обвинение против четири лица, а потоа и за првоосомничениот Љупчо Палевски за кого се чекаше екстрадиција од Турција, за двојното грабнување и свирепо убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.
Основниот кривичен суд ги одобри во целост обвиненијата и на барање на Обвинителството ги спои во една постапка во која покрај Палевски, обвинети се и Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.
Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.