Бојана Скендеровски во интервју за „Гламур ТВ“ отворено проговори за својот животен пат и ставот кон минатото, вклучително и за првиот брак со Огнен Чалов.
Популарната пејачка истакна дека темите од нејзиното минато не сака да ги коментира, нагласувајќи дека смета оти некои работи не заслужуваат дополнително внимание и анализа.
„На таа тема нема да зборувам, затоа што сметам дека едноставно некој не заслужува внимание. А и тоа е нешто што е многу далеку од мојата моментална животна приказна. Јас сум човек кој, кога ги затвора книгите, ги затвора засекогаш. Веројатно тоа е мој начин на ослободување простор за идна среќа“, изјави таа.
Скендеровски додаде дека не гледа назад кон минатото и не навлегува во анализи на постапки или причини за одредени случувања, бидејќи смета дека секој носи лична одговорност за сопствените одлуки.
„Јас можам да одговарам за своите одлуки во животот и сум човек кој, кога завршува со било каква релација, професионална или приватна, никогаш повеќе не навлегува во анализи или филозофирање. Пред да донесам одлуки, јас ги размислувам и ги созревам, а откако ќе ги донесам – назад не гледам“, кажа Бојана.
Денес, Бојана Скендеровски е среќно мажена за продуцентот Васко Скендеровски, со кого има две деца, син и ќерка.




