Силен пожар беснее во Македонија – во близина има цистерни на „Макпетрол“ и бензинска пумпа

Пожар избувна вечерва во и околу каналот кој минува покрај Арачиново во правец кон Белви, предизвикувајќи загриженост поради близината на инфраструктурни објекти со потенцијален ризик.

Според информациите од терен, огнот е во непосредна близина на цистерните на „Макпетрол“, а во близина се наоѓа и бензинска пумпа.

Пожарот се шири низ простор обраснат со трска и сува трева, материјал кој лесно гори и може да придонесе за брзо ширење на пламените јазици доколку се променат временските услови или засили ветерот.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека пожарот гори претежно во трска и сува трева во и околу каналот.

„Пожар во и околу каналот кој минува покрај Арачиново во насока кон Белви. Гори претежно трска и сува трева во и околу каналот. БППЗ Скопје се на терен, имаат почетна контрола, засега нема опасност од неконтролирано ширење“, соопшти Ангелов.

Противпожарните екипи се на терен и работат на локализирање на огнот, додека состојбата продолжува да се следи поради близината на објектите.

Претходна вестСилно невреме во повеќе градови во Македонија
Следна вестСо имиња на градовите – еве каде во Македонија во моментот врне дожд