Две жени се затруле со чад и добиле медицинска помош на терен откако голем пожар зафатил куќи и помошни објекти во прилепското село Чаниште.
Екипите на Итната медицинска помош од Прилеп веднаш интервенирале по добиениот повик за повредени жители. На двете жени им била укажана терапија на лице место поради вдишување густ чад додека се обидувале да го заштитат својот имот.
Лекарите потврдиле дека нивната состојба е стабилна и дека нема потреба од болничко лекување. Медицинските екипи останале во селото во случај да биде потребна дополнителна помош за жителите кои учествуваат во борбата со огнената стихија.
Пожарот избувнал во атарот на селото и, потпомогнат од силниот ветер и сувата вегетација, брзо се проширил кон првите куќи и помошни објекти.
Противпожарните екипи заедно со локалното население се ангажирани во гаснењето и во создавање заштитни појаси околу загрозените објекти, со цел да се спречи понатамошно ширење на огнот.
Густ чад и намалена видливост дополнително ја отежнуваат интервенцијата на терен, а пожарот е уште еден во низата огнени жаришта што го зафатија регионот во периодот на летните горештини.




