Уапсен е Македонецот за кој зборуваше цел Балкан

Деветнаесетгодишниот македонски државјанин Андреј Танасковски е уапсен во Никшиќ, Црна Гора, во полициска акција поврзана со истрагата за обидот за убиство на Марко Љ., жител на Будва, познат како Кан, кој според црногорските медиуми е висок член на Шкаљарскиот клан.

Според информации од полициски извори, Танасковски бил пронајден во изнајмен стан во населбата Видрован во Никшиќ. Заедно со него бил уапсен и Н. Марковиќ (34) од Никшиќ, кој е осомничен дека му помагал да се сокрие и да избегне откривање.

Танасковски се сомничи за обидот за убиство што се случил на 7 август 2025 година во хотелскиот комплекс „Маестрал“ во Будва. За него била распишана меѓународна потерница преку НЦБ Интерпол Подгорица.

Од Полициската управа на Црна Гора информираа дека акцијата била спроведена од службеници на Регионалниот безбедносен центар „Запад“, во соработка со Секторот за спречување криминал.

„Во акцијата беше пронајден и, според меѓународна потерница издадена од НЦБ Интерпол Подгорица, лишен од слобода е А.Т. (19), државјанин на Северна Македонија, осомничен за обид за убиство на член на спротивставена криминална група“, соопшти црногорската полиција.

Во истата акција, Н. Марковиќ бил приведен по налог на државен обвинител од Основното државно обвинителство во Никшиќ, поради сомнение дека сторил кривично дело помагање на сторител по извршување на кривично дело.

Црногорските власти продолжуваат со истрагата за целосно расчистување на случајот.

Претходна вестЌерката на Гоце, Сашенка откри детали за погребот на легендата
Следна вестТрагедија го погоди Балканот: Се удави млад маж