Пратеникот на СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи, денеска во Собранието изјави дека неговата партија ќе го поддржи предложениот ребаланс на Буџетот, но побара од Владата итно да ги исплати субвенциите за земјоделците.
Битиќи порача дека СДСМ нема да ја блокира постапката за ребалансот, но побара премиерот, министерката за финансии и власта да дадат јавно ветување дека исплатата на субвенциите ќе се реализира веднаш.
„Не не’ обвинувајте дека СДСМ ги блокира субвенциите. Кажете им на земјоделците дека утре во осум часот ќе ги добијат средствата“, порача Битиќи.
Во своето обраќање по експозето на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, тој оцени дека ребалансот покажува висок буџетски дефицит и предупреди дека државата има сè поголеми расходи, а помалку средства за развој.
Според Битиќи, со новиот ребаланс дефицитот достигнува 46,2 милијарди денари, што, како што рече, ја надминува претходно планираната годишна рамка.
Тој посочи дека приходната страна на Буџетот е намалена, додека растат неданочните приходи, задолжувањето и донациите.
„Капиталните расходи се реализираат бавно. Државата најлесно реализира тековно трошење, а најтешко развојни инвестиции“, рече Битиќи.
Тој се осврна и на состојбата во индустријата, посочувајќи дека има намалување на индустриското производство и пад во преработувачката индустрија, што според него директно влијае врз работните места и семејните приходи.
Битиќи оцени дека поддршката за малите и средните претпријатија е недоволна, нагласувајќи дека во земјата има над 73 илјади активни компании, а средствата предвидени за нивна поддршка се минимални.
Тој зборуваше и за животниот стандард на граѓаните, посочувајќи дека просечната плата сè уште не ја покрива целосно синдикалната потрошувачка кошничка.
Во однос на пензискиот систем, Битиќи предупреди дека неговата стабилност не смее да зависи само од буџетски трансфери и политички одлуки, туку од силна економија, повеќе вработувања и поголема продуктивност.
Тој нагласи дека средствата во вториот пензиски столб се приватна заштеда на граѓаните и не треба да се користат како решение за буџетски проблеми.
„Пензиските фондови не смеат да станат резервна каса за фискални импровизации“, порача Битиќи.




