Територијата на Македонија во текот на денешниот ден останува под влијание на циклонска активност која од Џеновскиот залив се преместува над регионот и условува променливо и нестабилно време во земјата.
Според метеоролошките информации, ваквата циклонска активност ќе создава услови за локално развиена нестабилна облачност, проследена со повремени поројни врнежи од дожд, појава на грмежи и засилен ветер.
Во одредени делови од државата можни се и краткотрајни интензивни процеси, кои локално можат да преминат во невреме.
Во моментов, источно од Демир Хисар е регистрирана нестабилна атмосферска зона, која е проследена со пороен дожд, електрични празнења и засилен ветер.
Оваа нестабилност се движи во правец од запад кон исток и во наредните часови може да зафати и други региони.
Надлежните служби апелираат на внимателност при движење на отворено, особено во периодите на поинтензивни врнежи и грмежи, поради можност за локални поплавувања и отежнати услови во сообраќајот.





