Тешка сообраќајна несреќа се случи попладнето на автопатот А3 кај Среданац во правец на Брегана, кога камион ja проби ограда, удри во далновод и се запали.
Возачот за кој медиумите пренесуваат дека најверојатно е од Македонија, остана заробен во возилото.
Пријавата за сообраќајната несреќа ја примил Оперативно-комуникацискиот центар на Полициската управа Брод-Посавина во 14:18 часот. Се однесувала за пожар во камион во кој имало едно лице.
„Возилото ја проби централната заштитна ограда од јужната лента на автопатот и заврши на северната лента, удирајќи во далновод. Сите служби за итни случаи беа испратени на местото на настанот, а ќе следи истрага, која ќе ги утврди фактите и околностите поврзани со инцидентот“, соопшти полицијата од Брод-Посавина.
Во стравичната несреќа кај Славонски Брод во Хрватска загина возач од Струмица, кој возел за транспортна фирма од Куманово.
Пред неполни два часа сопственикот на фирмата бил информиран дека во несреќата изгорел камионот и настрадал возачот, по што се упатиле кон местото на несреќата. Ова за Канал 77 го потврди Билјана Муратовска од Макамтранс, која рече дека по регистарската табличка се утврдила сопственоста на камионот.




