Се стравува бројот ќе расте: Дождот во Македонија загрози над 180 луѓе – итно евакуирани

1556

Обилните врнежи во изминатите 24 часа предизвикаа нагло зголемување на водостоите во западниот дел од земјата и ризик од излевање на повеќе реки, соопшти Управа за хидрометеоролошки работи.

Од Центар за управување со кризи информираат дека веќе е евидентирано излевање на Зајашка Река во Кичево, при што се зафатени неколку куќи. Евакуирани се околу 180 лица, кои се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. Поплавени се и објекти на болницата во Кичево, а на терен интервенираат екипи на ОВР Кичево, ЈП „Комуналец“ и други надлежни служби. Засега нема информации за животно загрозени лица.

Во гостиварскиот регион пријавени се поплави во селото Беловиште и во населбите Циглана и Бањечница, како и затрупан канал во Балиндол. Во една куќа во Беловиште биле заглавени мајка и две деца. Според ЦУК, поплавите се резултат на излевање на Сушичка Река и затнати одводни канали. Локалната самоуправа и Дирекцијата за заштита и спасување ја следат состојбата на терен.

Поплавени дворови се евидентирани и во Идризово (Општина Гази Баба), Буковиќ (Општина Сарај) и Зелениково.

Од УХМР предупредуваат дека е зголемен водостојот на сите реки во западниот дел од државата и дека се очекуваат дополнителни покачувања. Во горниот тек на Вардар се можни заезерувања во Полошката Котлина и локални излевања на помалите реки во Гостиварско и Тетовско.

Во Пелагонискиот регион и Демир Хисар бележи пораст и Црна Река, со можност за излевања во одредени делови. Покачено ниво има и во Охридско-Струшкиот регион кај реките Сатеска и Коселска Река.

Надлежните апелираат граѓаните да бидат претпазливи, да избегнуваат движење покрај реки и водотеци и редовно да ги следат официјалните информации, со оглед дека врнежите сè уште се интензивни.

Претходна вестЕвропа со удар кон Кина и ефтините пратки: Од 1-ви јуни за секоја порачка ќе се плаќа 180 денари од парче
Следна вестМакедонија на памети вакви сцени: На грб се изнесуваат немоќни лица – евакуацијата и натаму трае