Аца Лукас: Првите луѓе од власта во Македонија барале да бидам уапсен – судијата ми се извинуваше во име на целиот македонски народ

635

Српскиот пејач Аца Лукас детално се огласи по инцидентот во Кавадарци, каде што неговиот настап беше прекинат од полицијата, а тој беше одведен во станица поради, како што официјално беше наведено, „непријавен и нерегуларен концерт“. Во својата изјава, Лукас тврди дека акцијата била директно насочена кон него и неговиот тим и дека зад целиот настан стоеле „лични мотиви и влијание од високи структури“.

Според пејачот, концертот бил при самиот крај кога полициски службеници влегле во локалот и го стопирале настапот пред насобраната публика.

„Не сум уапсен. Во станица дојдов со сопствено возило. Таму ми кажаа дека настапот не бил регуларен и дека не бил пријавен, иако неколку дена претходно испратив копија од пасош, како што секогаш правиме,“ изјави Лукас.

Тој додава дека целиот бенд останал на бината, но единствено тој бил спроведен во станица.

„Имам сознанија дека ова беше направено лично, и тоа во координација со луѓе од моето најблиско опкружување и со врвот на македонската власт,“ тврди пејачот, без да открие дополнителни детали.

Лукас порача дека, доколку навистина постоеле неправилности со документацијата, надлежните институции требало да реагираат навреме – а не, како што вели, пред „повеќе од 2.000 луѓе“ во моментот кога настапот бил при крај.

„Тоа е како да знаете дека ќе се случи убиство, а да реагирате дури откако ќе се случи. Сè е јасно,“ рече тој со видлива огорченост.

Според неговото сведочење, ноќта ја поминал во полициските простории, без дозвола да се врати во хотелската соба, а наутро чекал да биде изнесен пред судија за прекршоци. Лукас додаде дека полицајците во станицата биле коректни и дури му се извиниле за ситуацијата.

Тој порача и дека веројатно ова е негов последен настап додека е оваа власт.

„Еден човек од судот ми рече: ‘Може ли да ви се извинам во име на македонскиот народ’. Нема потреба – народот е прекрасен. Проблемот е кој го води ова место,“ изјави пејачот.

Лукас најави дека сериозно ќе размисли дали воопшто ќе продолжи да настапува во Македонија „додека овие луѓе се на тие позиции“, нагласувајќи дека се чувствува небезбедно и разочарано.

„Ова нема да остане неразјаснето. Ќе објавиме сè кога ќе бидеме сигурни. Не се плашиме од никого,“ заклучи тој.

Видеото погледнете го со клик – ТУКА.

Претходна вестБила здрава како дрен: Ненадејна болка причината за смрт на 12-годишно девојче
Следна вестВо страотна сообраќајна несреќа, загинаа најмалку 10 лица, има и многу повредени – Мексико во тага и шок