Дали се забрзува црното сценарио? Русија би можела порано од очекуваното да нападне членка на НАТО

506

Рускиот претседател Владимир Путин не ги крие своите империјални амбиции, оценува германскиот министер за одбрана Борис Писториус, додавајќи дека на ваквата закана мора да се одговори со зајакнување на одбранбените капацитети.

Тој потсетува дека германските вооружени сили со децении биле занемарувани, дел од инфраструктурата е значително деградирана, а бројот на персонал драстично намален. Сепак, според Писториус, Бундесверот денес е во подобра состојба отколку порано.

„Сме на вистински пат и го забрзуваме развојот. На пример, во последните години склучивме многу повеќе договори за набавка на вооружување отколку претходно. Имаме јасна стратегија за зголемување на персоналот и подобрување на инфраструктурата“, изјави тој во интервју за FAZ.

Со оглед на тоа што Русија, и покрај војната во Украина, брзо го зголемува својот воен арсенал, министерот се осврна и на можноста некоја од земјите членки на НАТО да стане цел на потенцијален напад.

„Вените стручњаци и разузнавачките служби можат приближно да проценат кога Русија би можела да ги обнови своите капацитети до ниво што би и овозможило напад врз источна членка на НАТО. Досега тврдевме дека тоа би можело да се случи околу 2029 година. Сега, меѓутоа, има проценки дека тоа е можно и од 2028, а некои дури предупредуваат дека летово можеби го поминавме последниот мирен период“, вели Писториус. Тој нагласува дека НАТО располага со силен одвраќачки потенцијал, иако смета дека борбените сили мора дополнително да се опремат.

Според него, војната во Украина покажала дека дроновите играат клучна улога во современото војување, но големите системи и понатаму ќе бидат значајни.

„Во развојот на дроновите гледаме сè пократки циклуси на иновации. За само два до три месеци технологијата значително се менува – и кај дроновите и кај протидронската одбрана. Затоа не би имало смисла да трошиме милијарди евра на складирање дронови кои за кратко време би станале застарени“, објаснува германскиот министер.

Тој додава дека во Москва постои сериозен и безобѕирен противник со силни империјалистички цели, поради што Европа мора да биде подобро подготвена. „Мора да можеме да го предвидиме можниот воен конфликт на иднината и навреме да изградиме агилни и отпорни структури“, истакнува Писториус.

Германскиот план, како што наведува, предвидува до 2030 година резервниот состав да надмине 200.000 војници, додека активниот состав да се зголеми на 210.000 до 220.000. Набавките ќе се забрзаат, новите борбени авиони F-35 и хеликоптерите „Чинук“ ќе стават во функција, а копнените сили ќе ги користат Leopard 2A8 и Skyranger. Целосно опремената бригада во Литванија, според него, веќе во следните години ќе биде распоредена на источниот крај на НАТО.

Истовремено, Писториус изрази надеж дека Алијансата ќе го задржи единството кое, како што вели, и понатаму е клучно за европската безбедност.

Претходна вестВенко Филипче се огласи вечерва: Најави директна поддршка за семејствата на загинатите и повредените во Кочани
Следна вестБолно за гледање: Полицаец ја удира и влече за коса девојка пред студенти и граѓани