„Макпрогрес“ по пожарот: Фабриката ќе ја обновиме, најважно е што нема човечки жртви

32

Компанијата „Макпрогрес“ од Виница соопшти дека пожарот кој вчера попладне ја зафати нивната кондиторска фабрика „Винчини“ предизвикал целосно уништување на еден производен погон со три автоматизирани линии за производство на наполитанки, вафел барови и тортички, како и на два магацини – еден со суровини и еден со готови производи.

„Вчерашниот ден беше еден од најтешките денови кои сме ги доживеале. Најважно за сите нас е дека немаше човечки жртви – сите наши вработени се безбедно евакуирани, како и дека нема жртви кај противпожарните служби кои храбро го гаснеа пожарот во текот на целата ноќ,“ велат од компанијата.

Според официјалните информации, во текот на интервенцијата хоспитализирани биле 12 лица – три пожарникари и девет вработени. „Од нив, осум вдишале чад, а четворица се со полесни изгореници. Денеска тим од ‘Макпрогрес’ ги посети хоспитализираните во болниците во Кочани и Скопје и им посака брзо закрепнување,“ наведуваат од менаџментот.

Компанијата упати благодарност до сите сили кои учествуваа во гаснењето. „Пожарот и после 27 часа од избувнувањето е сè уште активен на две места со помал интензитет, но според надлежните служби нема ризик за дополнително проширување. Огромна благодарност до сите институции, пожарникари, медицински екипи, полиција, Црвен крст, бизнис заедницата, локалните власти, доброволците и граѓаните. Солидарноста која ја видовме уште еднаш потврди дека Македонија знае да застане заедно кога е најтешко,“ стои во реакцијата.

„Макпрогрес“ најавува дека фабриката „Винчини“ ќе биде обновена. „Имаме кадар и знаење за тоа, и тоа пак во Виница. Но потребно ни е време да направиме план за консолидација на производните линии кои останаа во функција, со крајна цел сите вработени кои ги изгубија своите работни позиции да бидат прераспоредени и да ги задржиме на работа,“ соопштија од компанијата.

Во реакцијата се додава дека цените на производите ќе останат ниски и достапни за потрошувачите. „Дополнително, некои цени ќе ги намалиме за да поттикнеме поголема продажба. Заедно со Стопанската комора и со ланците маркети ќе дадеме сè од себе да ги задржиме сите работни места,“ велат од „Макпрогрес“.

Надлежните институции работат на утврдување на причините за пожарот, а од компанијата апелираат јавноста да почека на официјални информации.

Претходна вестДенот на независноста – 8 Септември
Следна вестПуштена втора делница од Кичево – Охрид