Институциите да ги пријават службените возила во ДКСК, апелираат од Владата

62

Владата апелира до државните институции да ги пријават службените возила во Државната комисија за спречување корупција. По информацијата од ДКСК дека до истекот на рокот, на 18 август, биле пријавени 1916 возила, од Владата потсетуваат дека за помалку од еден месец ќе стапи во сила мерката за посебни ознаки на регистарските таблички на службените возила.

„Aпелирам до сите институции да го поднесат бројот на службени возила. Веќе е донесена и одлука на седница на Влада дека рокот за поставување на оние регистарски таблички во боја е до 15 септември и тоа ќе го завршиме, сè во насока да нема повеќе злоупотреби на службени возила за цели кои се надвор од службените“, вели портпаролката на Владата, Марија Митева.

Рокот за пријавување на службените возила произлегува од законските обврски поврзани со изборите, кои предвидуваат сите институции на државно и на локално ниво да достават до ДКСК информација за моделот и регистрацијата на возилата кои ги поседуваат, со цел да се спречат злоупотреби за време на изборните кампањи.

Според податоците од ДКСК, институциите располагаат со околу 6500 возила. Доколку инстиуциите не ги достават податоците за возилата во предвидениот рок, Антикорупциската комисија покренува прекршочна постапка во рок од 15 дена од истекот на рокот за доставување на податоците.

Според одлуката на Владата, до 15 септември сите службени возила треба да добијат специјални таблички во црвена боја.

Претходна вестСДСМ Струмица: Господа од ВМРО-ДПМНЕ, далеку сте со капацитет да можете да се споредувате со Марјан Даскаловски
Следна вестПретреси во Берово и Виница, пронајдена дрога