Трамп му порачал на Орбан да го повлече ветото за Украина

48

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера разговарал телефонски со унгарскиот премиер Виктор Орбан, по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери.

Главна тема на разговорот била блокадата на преговорите за пристапување на Украина со Европската Унија од страна на Орбан, според извори запознаени со ситуацијата, објави Блумберг.

Повикот на Трамп до Орбан следел по состанокот во Белата куќа, каде што разговарал со европските лидери за начините за завршување на војната во Украина. За време на состанокот, европските лидери побарале од Трамп да го искористи своето влијание врз унгарскиот премиер за да го убеди да се откаже од своето противење на кандидатурата на Украина за членство во ЕУ, велат изворите.

Украина со години се обидува да се приклучи на Европската Унија и го гледа членството како дел од поширок пакет безбедносни гаранции што би спречиле нови руски територијални претензии доколку се постигне прекин на огнот.

За време на разговорот со Трамп, Унгарија изрази интерес да биде домаќин на следната рунда разговори меѓу Владимир Путин и Зеленски, според изворите. По разговорот, Трамп ги објави своите планови за организирање самит на лидери меѓу Русија и Украина, по што ќе следи трилатерален состанок на кој и тој би учествувал. Времето и локацијата на тие состаноци сè уште не се објавени.

Луѓето запознаени со разговорот на Трамп со Орбан побараа анонимност бидејќи консултациите беа приватни.

Претходна вестУЈП со повик: Избегнете стрес и дополнителни трошоци, навреме поднесете ДДВ-04 пријава
Следна вестКостова: Градоначалниците на ДПМНЕ ги тресат големи скандали со тендери