ДКСК ќе покрене кривично гонење на јавно комунално претпријатие поради незаконски јавни набавки

138

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) донесе одлука за поднесување иницијатива за кривично гонење до Основното јавно обвинителство против едно јавно комунално претпријатие за сомнежи за спроеведени незаконски постапки за набавки во врска со третман на градска депонија од пожари.

Подносителот, како што информира известителот по предметот Билјана Каракашова Шулев на денешната 19-та седница, во пријавата навел дека за ист или сличен предмет за јавна набавка во 2021 година вредноста била поголема отколку во 2022 година, и според него со оглед дека станува за иста, односно идентична спецификација разликата во цена за една година отвора сомнение за коруптивно однесување во првиот случај на набавка.

-Со цел проверка на наводите од пријавата ја побаравме и обезбедивме целокупната документација, заклучивме дека клучен фактор кој влијаел на разликата на цените е отфрлање на понудата на едниот економски оператор во 2021 година. Имајќи предвид дека дополнително безбедносниот лист бил предвиден како услов за квалитативен избор договорниот орган можел да побара појаснување или дополнување на документацијата како што било сторено во јавната набавка во 2022 година, но тоа не било сторено и во постапката за јавна набавка останал еден економски оператор. Анализирањето на двете постапки за јавни набавки упатува на сомневање дека од страна на служебните лица на јавното претпријатие е постапено спротивно на начелата за конкуренција помеѓу економските оператори и еднаков третман и недискриминација. Имено, изнесеното упатува на сомневање дека во тендерската документација во 2021 година се утврдени технички спецификации кои не одговараат со вистинските производи на пазарот, произлегува дека постои сомневање на погрешно дефинирање на спецификации за продукти кои не постојат на пазарот. Дополнително од увидот на документацијата за реалзиација на двете набавки не може со сигурност да се утврди што е испорачано, рече Каракашова Шулев.

Претходна вестРекорден број учесници на „Вози право, вози здраво“, со порака за здрави животни навики
Следна вестГризман останува во Атлетико Мадрид до 2027 година