Палевски не ги убил Вања и Панче, тврди сега еден од обвинетите кој велеше: „не сме ние убијците, Палчо е“

1555

Влатко Кешишев, еден од тројцата обвинети кои тврдеа: „Не сме ние убијците, Палчо ги уби Вања и Панче“, се премислил и сега вели дека Љупчо Палевски не ги убил. Такво писмо денеска преку затворот „Скопје“ во Шутка, Кешишев доставил до судот. Не преку неговиот адвокат, туку преку затворската управа.

Во рачно напишаното писмо, Кешишев навел дека за време на убиствата, всушност, Палевски бил во партијата Десна и спиел таму, а дека Велибор Манев, кој е еден од овинетите, го натерал да каже оти Палевски лани на 22 ноември го убил прво 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, па по 5 дена, на 27 ноември, и 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје.

Не се знае точната содржина на писмото и дали Кешишев, кој ја одведе полицијата до дупката каде што беше закопана Вања, навел име на друг убиец.

Како знаеле Кешишев, Манев и Боре Видевски кај се закопани Панче и Вања, а не ги убиле ни тие ни Палевски, останува прашање.

За киднапирање и свирепо убиство на Жежовски и на Вања Ѓорчевска, обвинети се Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Велибор Манев, Боре Видевски и таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски.

Адвокатот на Кешишев, Игор Ефремов, рече дека и тој ја добил изјавата од судот, а не од клиентот.

„Кешишев има напишано некоја изјава но, не би сакал да ја коментирам содржината, бидејќи не знам дали ракописот е негов, дали потписот е негов, дали тој своеволно ја пишувал, не сакам да помислам дека можеби некој го присилил или му се заканил. Откако ќе разговарам со него, по однос на содржината, дополнително ќе ве известам и вас“, рече Ефремов.

Адвокатот на Боре Видевски рече дека нелогично е што Кешишев ја сменил првата изјава.

„Мислам дека не е совесно во ваков предмет еднаш да се изјавува едно, вторпат да се изјавува друго. Во понатамошниот тек од постапката ќе има соочување помеѓу сите нив, до тоа мора да дојде“, кажа Бојан Манев, адвокат на Видевски.

По денешното сведочење на сведоците на Обвинителството, судењето продолжува на 25 ноември.

Претходна вестОд попладнево ќе нема превоз во Скопје: ЈСП нема гориво – поради долг кон „Пуцко Петрол“
Следна вест(ФОТО) Какви снимки вечерва: Сите зборуваат за ова – падна голема количина на снег, возачите да внимаваат – пораки испратени во соседна Србија