Во главата на Вања било пукано преку перниче: Куршумот пробил 34 сантиметри низ вратот на девојчето

7831

Обдукцијата покажала дека Вања во десната хемисфера од мозокот имала рана и огнострелен канал од 34 сантиметри кој минувал низ вратот до четвртиот пршлен.

Со пиштол со калибар од 9 милиметри и преку перниче кое го нашол на местото на убиството обвинетиот Љупчо Палевски Палчо пукал во главата на Вања Ѓорчевска, се наведува во обвинението за убиството на 14-годишното девојче што се случи лани во ноември во Скопје, а за кое судскиот процес почна денеска.

Обдукцијата покажала дека Вања во десната хемисфера од мозокот имала рана и огнострелен канал од 34 сантиметри кој минувал низ вратот до четвртиот пршлен од ѝрбетот.

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска започна судењето за двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежовски.

Во судницата се спроведени првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо заедно со обвинетите Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов, како и таткото на убиената Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски.

Судењето против петмината обвинети во процесот за двете убиства почна денеска со читање на Обвинението. Обвинителите го нарекоа процесот еден од најтешките кривични настани во нашата земја.

На товар на обвинетите се две убиства и две грабнувања, што довело до смрт на Вања и на Панче.

Според обвинението, секој од обвинетите имал своја улога со детално однапред планирани дејства.

„Таткото помогнал со информации кога Вања оди на школо. Обвинетите се познавале меѓу себе и сковале план за грабнување со цел да присилат член на семејството да даде откуп. Знаеле дека секој петок Вања оди од прв час на школо, а помалата сестра Миња од втор час. Во петокот се обиделе да ја грабнат, но не успеале во планот, зашто имало гужва. Во неделата знаеле дека во понеделникот на 27 ноември Вања ќе оди сама на првиот час, што било исклучок. Со штрафцигер ја отвориле вратата од влезот на зградата, влегле внатре, застанале кај сутеренот кој води кон подрумите, го чекале детето, па кога излегла од лифтот, Боре Видевски ја фатил за половината и за устата, обвинетиот Велибор Манев ја држел за нозете. Ја однеле до сутеренот каде Велибор ѝ ставил селотејп лента на устата. Боре Видевски ѝ се заканил да не вика инаку ќе пукаат, ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент ја свртиле на стомак и додека Боре Видевски ѝ ги држел рацете, Велибор ѝ ставил пластични стеги на рацете и на нозете и откако ја затвориле вреќата, Велибор ѝ ги врзал нозете со селотејп преку вреќата“, се вели во обвинението.

Откако ѝ се закниле по втор пат Видевски со помош на Манев ја ставил преку рамо и ја однеле во „цитроенот“ во гепекот. Велибор возел, Влатко бил совозач, а Боре седел на задното седиште. Според обвинението, Велибор претходно го зел телефонот „ајфон 8“ на Вања, а Боре додека се возеле со чеканче го скршил за да нема сигнал. Според инструкциите на Палевски, тргнале кон Качанички пат, до надвозникот на село Визбегово каде се сретнале со Палчо. Тој ги чекал со „рено канго“ ,и двете возила се упатиле кон селото Бразди, кај местото Дупки.

„Откако застанале таму Палчо, Велибор, Боре и Влатко околу 9.30 часот со умисла го лишиле од живот малолетното девојче. Изложувајќи ја на тешко психичко страдање со силен интензитет, во врзана состојба и онеспособена за отпор ѝ било предочено дека ќе биде убиена така што по налог на обвинетиот Љупчо Палевски обвинетиот Велибор Маневски го извадил оштетеното дете од гепекот по што обвинетите ја доближиле и ја ставиле во претходно ископана дупка од нивна страна со димензии од околу 180 см должина, 85 см ширина и 60 см длабочина каде обвинетиот Љупчо Палевски со огнено оружје калибар 9мм преку перниче кое го пронашол во близина, испукал еден куршум во пределот на главата на оштетеното дете нанесувајќи ѝ огнострелна повреда на мозокот. По ова настапила смрт, па откако обвинетиот Палевски ја извадил вреќата за спиење обвинетите го закопале телото во дупка“, се вели во обвинението.

Нема присутни роднини на оштетените.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

претходниот член,„КАЖИ, КОЛКУ ПАРИ ТРЕБА“ Ваква порака испратил таткото на Вања во погрешна група на Вибер и брзо ја избришал
Следната статијаНова трагедија ја потресе Македонија: Во болницата донесено мртво бебе