Граѓаните извисија: Три часа евтина струја преку ден летово ќе нема, сега ќе се крои новата цена за од 1 јули

230

Првиот човек на регулаторна е изненаден од повисоката цена по која ЕСМ ќе и продава струја на ЕВН. Бислимовски потврди дека понудата на државните електрани е повисока за 5% и наместо досегашните 57, произведената електрична енергија на универзалниот снабдувач ќе ја продаваат за 60 евра за мегават. Згора на тоа, ќе се покријат само 85% од потребите, па регулаторот е загрижен за останатите 15%.

„Државните електрани во период на криза нудеа и пониска цена и сега оваа цена од 60 евра за мегават час, искрен да бидам, е изненадување и за мене. Оваа цена од 60 евра можеме да ја менаџираме, но мене ме загрижуваат оние 15 проценти кои ќе се обезбедат од слободниот пазар каде што цената во зависност од денот се движи од 90 до 100 евра за мегават час, што е далеку повисоко од тоа што би го дал ЕСМ“ – Марко Бислимовски, претседател на РКЕ

Бислимовски уверува дека регулаторна нема да дозволи ценовен шок за граѓаните, но засега не се знае какво влијание ќе има ова на сметките за потрошувачите. Аукцијата на тендерот за набавка на струја за домаќинствата е на 20 јуни. Потоа универзалниот снабдувач ќе направи пресметка и ќе ја достави до РКЕ на контрола, па појасна слика околу крајната цена се очекува следната недела.

Во меѓувреме, се прават и анализи за продолжување на дневната евтина струја за еден час, односно таа да важи од 13 до 16 часот. Но, граѓаните на тоа не треба да се надеваат летово. Анализите биле обемни и потребно било повеќе време за математика. Три часа евтина тарифа се можни дури на зима.

„Па ќе видиме во кои периоди ќе биде. Дали ќе биде, со податоците, од 1 декември, 1 ноември, дали од 1 јануари. Ќе го видиме тоа, прво да ги имаме конкретните податоци, како ќе ни покажат анализите, така ќе постапиме. Броилата ќе мора да се сетираат за уште еден час“ – Марко Бислимовски, претседател на РКЕ

Новата цена на струјата ќе биде донесена до крајот на овој месец и ќе важи од 1-ви јули. Ако има поскапување ова ќе биде нов удар врз џебот на граѓаните по оној од пред половина година кога беше воведена фиксна давачка за пристап до мрежа која чини 200 денари.

Претходна вестСестрата што изнесуваше цитостатици од Онкологија доби две години затвор
Следна вестУЖАС: Двајца прилепчани и се заканувале на сограѓанка со пиштол – еве што се случи