Африм Гаши избран за претседател на Собрание

187

Со 76 гласа „за“ и 6 „против“ Африм Гаши е избран за нов претседател на Собранието. Како единствен кандидат предложен од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата „Вреди“ и од Движењето ЗНАМ – „За наша Македонија“ се обврза дека ќе го почитува Уставот и законите, а функцијата ќе ја извршува совесно.

Во тензична атмосфера почна првиот работен ден за 118 пратеници од новиот состав. Народните избраници на кои има беа верификувани мандатите не штедеа на меѓусебни обвинувања и навреди за изборот на Гаши. ДУИ ја напушти седницата, а пратениците од СДСМ одлучија да молчат додека Левица и ВМРО-ДПМНЕ остро се напаѓаа.

Апасиев обвини дека Мицкоски го излажал народот и на оваа позиција поставува човек кој не ги почитува македонските државни обележја. Мицкоски кој прв пат седнува на пратеничкото столче му врати дека двапати ја пропуштил шансата за национално обединување.

По завршувањето на конститутивната седница Јован Митревски кој го предводеше парламентот во време на техничката влада му ја предаде функцијата на Африм Гаши и му порача дека треба да се задржи функционалноста и независноста на парламентот.

По изборот на новиот 11 парламентарен состав Собранието ја известува претседателката Гордана Силјановска Дафкова по што почнува да тече рокот од 10 дена за давање на мандатот за формирање на новата влада. Мандатарот во следните 20 дена треба да го достави составот на новиот владин состав.

Ивана Соколовиќ Најдова

Претходна вестКалина Стефкова најдобра пионерка на таеквондо турнирот Корио Опен Скопје 2024
Следна вестЕКСКЛУЗИВНО: Утре СДСМ ќе одржи состанок на Централниот одбор – познато е што ќе се случува