Вчера во 12:12 часот во СВР Скопје било пријавено дека на улицата „Радишанска“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „алфа ромео“ со италијански регистарски ознаки, управувано од С.Б.(47) од Скопје со привремен престој во Скопје и мотоцикл „кавасаки“ со скопски регистарски таблички, управуван од Н.М.(19) од скопското село Побожје.
Од МВР информираат дека од здобиените повреди на местото на несреќата починал мотоциклистот Н.М.. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција. Додека, со телесни повреди се здобил возачот С.Б., констатирани во ЈЗУ „Св.Наум Охридски“.
„За време на вршење на увидот и по преземени мерки и обезбеден видео запис дојдено било до сознание дека во предизвикување на несреќата, но без физички контакт, учествува и патничко возило „сеат алтеа“ со скопски регистарски ознаки, по што возачот со возилото го напуштил местото без да им укаже помош на повредените“, посочија од МВР.
По дополнително преземени мерки, околу 19:40 часот во Арачиново пронајдено било возилото и возачот С.О.(46).
Тој бил лишен од слобода и спроведен во полициска станица и со него бил извршен службен разговор.
По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.




