Пендаровски од Куманово: Овие пет години не зборуваме за меѓуетнички тензии

216

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски синоќа одржа граѓански митинг во Куманово.

Пред граѓаните, Пендаровски ја претстави својата програма за новиот петгодишен мандат и истовремено потсети на сработеното во првиот свој мандат како претседател на државата.

„Во изминативе пет, односно седум, седум и пол години зборувам и за парламентарната власт, направивме неколку работи кои ниту една политичка гарнитура во Македонија не ги направила во историјата. Прво, го решивме спорот со Грција после 25 години преговори и станавме членка на најмоќниот воено-политички сојуз во историјата на Македонија – НАТО.

Втората работа која ја направивме, а која не беше направена 17 години наназад е што без малку после две децении ги отворивме преговорите со ЕУ. Тие две стратешки цели кои 1991, првите политичари кои ја правеа македонската држава ги зацртаа како важни, се навистина столбот на кои ние можеме да се развиваме и за кус временски период да станеме просечно развиена европска, демократска држава“ посочи тој.

Пендаровски се осврна и на меѓуетничките односи за кои кажа дека никогаш до сега не биле на повисоко ниво, како што се денеска.

„Но, многу ретко го споменуваме она што е исто голема придобивка на оваа политичка гарнитура, а тоа се меѓуетничките, меѓунационалните односи. Знаете дека во времето на режимот како што се доближуваа изборите едните изигруваа на едната страна патриоти најголеми, a другите на другата страна. Имавме тепачки меѓу младите во јавниот транспорт, имавме на скопското Кале тепачка дали да има црква или џамија, ние ги стабилизиравме, оваа политичка гарнитура ги стабилизираше меѓуетничките односи и ги донесе на ниво на какви што не биле од 1991 до денес. Ако не сте сложни внатре, ако немате внатрешна кохезија, ако луѓето се јадат, се караат меѓу себе, вие не можете да напредувате. Направивме таква стабилност внатре и затоа можеме да претендираме да се асоцираме и во пошироките меѓународни организации“ порача Пендаровски.

Тој во своето обраќање ги повика присутните прво на 24 април, а потоа и на 8 мај да го заокружат бројот еден и да придонесат за продолжување на евроинтегративниот процес.

„Ако ми дадете доверба на 24 април и на 8 мај ви гарантирам дека ќе останам истиот тој, тоа значи без калкулации претседател на сите што живеат во Македонија“ порача пред присутните Пендаровски.

Претходна вестВо потрагата по Данка полицијата пребарува депонии и резервоари со вода
Следна вестУбијците воопшто немаат каење: 20 дена трае потрагата по Данка – тие не откриваат каде е телото