Затвор за таткото на Васил и за судијката Алексовска-Стојановска, бара сестрата на Фросина, Росица

1490

Денеска во Кавадарци се одржа протест на кој беа побарани правда и одговорност за загинувањето на 22-годишната Фросина Кулакова во сообраќајната несреќа што се случи во средата (29 јануари) на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Сестрата на загинатата девојка побара одговорност и за таткото на возачот и за судијката Даниела Алексовска-Стојановска.

Сестрата на загинатата Фросина Кулакова, Росица, денеска од протестот во Кавадарци порача дека правда за Фросина мора да има и посака ваков случај никому да не му се повтори.

Таа својот говор го започна со зборовите дека општеството е огледало на вредностите што ги носат оние кои го водат, а децата се најчистиот одраз на своите родители.

„Не може да се очекува чесно и одговорно управување од луѓе кои не успеале да ги всадат основните морални и општествени вредности дури ни во сопствениот дом. Доделувањето државни функции не смее да се сведува само на формални образовни критериуми. Јавните функции мора да ги извршуваат луѓе со интегритет, кои своите карактери и вредности ги покажале и во сопствениот живот. Како граѓани, како родители и како дел од заедницата, оној кој не успеал да го воспита сопствениот наследник да ги почитува законите, да разликува добро од зло и да живее чесно, не може да бара доверба да управува со државата. Напротив, ваквите лица не смеат да добијат јавна функција. Тие треба да одговараат за своето делување, но и за криминалните постапки на своите помлади полнолетници“, рече Кулакова.

Таа побара одговорност и за таткото на возачот и за судијката Даниела Алексовска-Стојановска.

„Ние за Фросина бараме правда, не само од убиецот, бараме правда и од таткото. Бараме да се затвори таткото Зоран Јованов и судијката Даниела Алексовска-Стојановска, кои не излегоа јавно да изразат сочувство кон семејството, туку кукавички се кријат и бришат профили на социјалните мрежи“, вели таа.

Викторија Недева се обрати на протестот во име на другарките на загинатата Фросина.

„Нема зборови кои можат да ја изразат болката која ја чувствуваме од твојот ненадеен замин. Ти, која ја боеше секоја секунда со нас со твојата светлина, љубов, замина на најсуровиот можен начин. Но, знаеме дека со твојата енергија, насмевка и позитивен карактер, светот имаше нешто уникатно. Ти беше не само моден дизајнер, ти беше личност која успеваше да ги спои сите бои и да ги претвори во нешто што ќе остане во срцата на сите кои те познаваа“, рече Недева.

Претходна вестTатко на Фросина порача: Направија друштво за наддавање како аукциски куќи „Кој ќе плати повеќе мито тој добива“
Следна вестТодор Кулаков: Таткото на монструмот не ни изрази ниту сочувство!