Завесата на клупската фудбалска сезона се спушта вечерва кога во Лондон на Вембли од 21 часот финалето во Лигата на шампионите ќе го почнат Реал Мадрид и Борусија Дортмунд.
Кралскиот клуб е фаворитот во оваа пресметка, но историјата на финалињата вели дека не секогаш победува тој на кој му се даваат поголеми шанси, свои математики има и Борусија Дортмунд која е најпријатното изненадување оваа сезона во Лигата на шампионите.
Реал Мадрид е апсолутен владетел во Европа кога се трофеите во прашање. За Кралевите ова ќе биде 18. финале, досега загубиле само трипати, имаат освоено 14. трофеи, сакаат по 15. пат да седнат на тронот.
За Борусија Дортмунд ова ќе биде трето финале во Лигата на шампионите, успехот им е половичен, еднаш освоија, еднаш загубија.
Во последните десет меѓусебни дуели од Лигата на шампионите, Реал Мадрид има четири победи, три има Борусија Дортмунд, три дуели завршиле нерешено.
Анчелоти на овој дуел нема да може да смета на Чуамени кој има повреда на стапалото, голманот Лунин е болен, па Тибо Куртоа ќе го стартува мечот. Терзиќ нема некои значајни проблеми со повредени играчи.
Ова ќе биде емотивно финале за неколку играчи, Тони Крос ќе го одигра последниот меч во дресот на Реал Мадрид и воопшто во клупскиот фудбал, по крајот на Европското првенство ќе се пензионира. Последен меч во дресот на Дортмунд ќе биде за легендите на клубот, Марко Ројс и Матс Хумелс кој во наредната сезона ќе имаат нови клубови.
Посебен натпревар ќе биде и за Белингем кој до минатата сезона настапуваше за Борусија Дортмунд, а сега ќе се бори против нив во дресот на Реал Мадрид.
Анчелоти вели дека пожртвуаноста на теренот ќе биде клучна за трофејот, тој им дал јасни тактички инструкции на фудбалерите кои се максимално фокусирани за вечерашниот меч.