Меѓународниот аеродром во Софија ќе ги суспендира сите цивилни летови во два кратки ноќни периода на 23 и 24 февруари, при што ќе биде дозволено слетување и полетување само на воени авиони. Според податоците на Flightradar24 и официјалното известување до воздухопловците (NOTAM), ограничувањата ќе важат од 01:15 до 02:50 часот на 23 февруари и од 01:05 до 03:35 часот на 24 февруари, пренесува Novinite.com.
Привременото затворање се совпаѓа со присуството на повеќе американски воени авиони на аеродромот и во блиската воздухопловна база Враждебна. Меѓу нив се танкерите Boeing KC-135 Stratotanker од 6-то воздухопловно крило од базата „Макдил“ во Флорида, како и транспортен авион C-130 Hercules распореден од базата на НАТО во Рамштајн.
Бугарското Министерство за одбрана потврди дека авионите припаѓаат на воздухопловните сили на САД и дека нивното распоредување е поврзано со засилени активности на НАТО за будност. Амбасадата на САД во Софија издаде слично објаснување, без да открие оперативни детали.
Во јавноста се појавија шпекулации дека движењата на авионите се поврзани со можни американски активности во контекст на тензиите со Иран, особено по зголеменото присуство на американски воздушни и поморски сили на Блискиот Исток. Според експерти, воздушното полнење гориво со танкери како KC-135 овозможува проширување на дометот на борбените авиони при долги мисии.
Поранешниот заменик-министер за надворешни работи Милен Керемедчиев изјави дека ваквите танкери рутински се користат за полнење гориво во воздух, потсетувајќи дека и бугарските Ф-16 биле испорачани со слична поддршка.
Сепак, управата на аеродромот за Бугарска национална телевизија изјави дека ноќното запирање на цивилниот сообраќај е поврзано со технички работи на шахтите на пистите, при што термините се избрани поради минимална комерцијална активност.



