Хрватската полиција соопшти дека тројца македонски државјани се ставени во притвор под сомнение дека учествувале во оштетување на јавен имот во областа Кавтат, на југот од Хрватска.
Според информациите од надлежните служби, инцидентот се случил минатата недела, кога на повеќе локации биле забележани оштетувања на сообраќајна и урбана опрема.
Сообраќајни знаци, патокази, корпи за отпадоци и информативни табли биле залепени со различни налепници, со што биле направени неупотребливи и им била нарушена нивната основна функција во сообраќајот и јавниот простор.
По добиената пријава, граничната полиција во Груда веднаш започнала истрага. Преку оперативни мерки и проверка на податоци, биле идентификувани неколку сомнителни лица кои се поврзуваат со настанот.
Истата вечер биле приведени двајца осомничени, додека третиот бил уапсен следниот ден на аеродром при обид да ја напушти земјата.
Станува збор за мажи на возраст од 23, 25 и 26 години, кои, според информациите, имале регулиран престој во Хрватска.
Хрватските власти соопштија дека сите тројца се задржани во притвор, а против нив се води постапка за утврдување на евентуална кривична одговорност за оштетување на јавен имот.
Истражните органи продолжуваат со прибирање докази и утврдување на сите околности поврзани со случајот.




