На денешниот „Марш за ангелите“ во Скопје, организиран од родителите на жртвите од трагичниот пожар во т.н. кабаре „Пулс“, се случи инцидент што ја вознемири колоната.
Младо девојче, веднаш по одржаниот говор пред Кривичниот суд, се онесвести и беше изнесено настрана за да добие итна медицинска помош. Присутните реагираа брзо, а редарите и граѓаните се погрижија ситуацијата да се стабилизира.
И покрај овој момент, маршот продолжи мирно и достоинствено, како што и беше најавено.
Маршот започна точно во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, каде се собраа илјадници граѓани од целата држава. Родителите од Кочани, кои ги предводеа протестите, носеа голем транспарент со пораката: „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“, заедно со фотографии од загинатите.
Колоната се движеше по главните скопски улици, придружувана од редари и волонтери, со јасно барање институциите конечно да преземат одговорност и да дадат одговори за трагедијата што го потресе целото општество.
Во текот на маршот беа одржани кратки обраќања пред повеќе институции, а најемотивните моменти се случија пред Кривичниот суд и Собранието, каде родителите повторно ја истакнаа потребата од правда и казна за виновните.
Настанот беше проследен од бројни медиумски екипи и голем број граѓани кои со пароли, цвеќе и фотографии им дадоа поддршка на семејствата.
За да го гледате видеото, кликнете ОВДЕ



