Голем пожар попладнево избувна во Расадникот во скопска Кисела Вода.
Според информациите што ги објави директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, зафатена е голема површина, а огнот, во кој горат оревови дрвја, грмушки и трева, се движи во сите насоки.
На местото интервенира една екипа од скопската противпожарна бригада, а како што додаде Ангелов, кон пожарот упатени се уште неколку пожарникарски екипи.
„Верувам дека околните објекти ќе бидат навремено заштитени бидејќи насекаде околу овој расадник постојат различни објекти – од едната страна имаме бензинска пумпа, од другата страна се наоѓаат зградите во Општина Кисела Вода. Веднаш на 100 метри одовде е булеварот“, изјави првиот човек на ЦУК во видеоизјава.
Ангелов апелира на смиреност кај граѓаните.
„Верувам дека храбрите скопски пожарникари наскоро ќе го стават под целосна контрола, а потоа и ќе го изгасат овој, според мене, невообичаен и апсурден пожар, бидејќи ние имаме шумски пожар во градот Скопје – нешто што досега го немам видено“, додаде Ангелов.