Хотел во центарот на Истанбул беше целосно евакуиран по трагичниот инцидент во кој три лица од едно турско-германско семејство починаа под сомнение за труење со пестициди, јавуваат турските медиуми.
Семејството – Турци кои живеат во Германија – почувствувале нагло влошување на здравствената состојба во средата, по јадење во популарен ресторан во истанбулскиот кварт Ортакој, на брегот на Босфорот.
Иако првичните сомнежи биле насочени кон труење со храна, трагедијата доби сосема нов пресврт. По приемот во болница, починале двете деца на возраст од три и шест години, а во петок починала и мајката, соопшти Министерството за правда. Таткото, според медиумите, се наоѓал во критична состојба.
Ресторанот каде што јадело семејството веднаш беше затворен, но понатамошната истрага открила дека пестициди биле употребени во соба на приземјето од хотелот во кој биле сместени туристите. Истражителите се сомневаат дека токсичните материи можеле да се прошируваат и во соседните простории.
Двајца други гости на хотелот исто така завршиле во болница со симптоми на мачнина и повраќање.
Полицијата веќе уапсила седум лица – меѓу нив и еден хотелски работник, како и двајца изведувачи задолжени за дератизација. Четворица од нив биле приведени уште претходно, во рамки на проширената истрага.
Сите гости од хотелот биле веднаш префрлени на друга локација, но засега не е познат точниот број на туристи кои можеби биле погодени од инцидентот.



