Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово изврши увид на локација на автопатот кон Скопје каде попладнево се случи тешка сообраќајна несреќа во која загинаа три лица, а едно дете е повредено.
Според првичните сознанија, до несреќата дошло при контакт меѓу автомобил и автобус, при што автомобилот со кој патувале тројцата сега починати и повреденото дете излетал од патот.
Се преземаат сите дејствија за испитување на причините и на околностите поради кои дошло до контакт меѓу возилата и до несреќата.
Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на починатите, а за возачот на автобусот наредено е испитување на евентуално присуство на алкохол или други супстанции.
Возилата се одземени за технички преглед на нивната исправност во моментот на сударот, известуваат од ЈО:
За целосно разјаснување на сообраќајната ситуација на лице место беше повикано и стручно лице – вештак од областа на сообраќајот, а дополнително ќе биде изготвено и комплетно сообраќајно-техничко вештачење врз основа на трагите подигнати на лице место, фотодокументацијата и другите докази.