Уапсен Артан Ајрули, сопственик на „Ритрон копи“

51

Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО), по кривична пријава поднесена од Управата за финансиска полиција, отвори истрага против две физички и едно правно лице во врска со злоупотреби при јавни набавки во „Државна лотарија на Република Северна Македонија“. Првопријавениот, кој во периодот од 2022 до 2024 година вршел функција на претседател на Управниот одбор и Генерален директор на АД „Државна лотарија“, е осомничен за злоупотреба на службена положба и овластување, казниво според член 353 од Кривичниот законик.

Второосомничен е сопственикот на правното лице што учествувало во набавките, додека неговата компанија е предмет на истрагата за сторено продолжено кривично дело – злоупотреба на постапката за јавен повик и доделување на договори за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, согласно член 275-в од Кривичниот законик.

Според истрагата, во наведениот период, првоосомничениот одобрувал исплати врз основа на фактури со невистинита содржина за набавка на користени телевизори, принтери, компјутерска и комуникациска опрема. Фактурите ги издавал второпријавениот, и покрај свесноста дека дел од опремата не била испорачана согласно условите наведени во договорите за јавни набавки.

Обвинителството истражува шест јавни набавки што се однесуваат на ваква опрема, при што под лупа е целокупната постапка – од техничките спецификации, преку критериумите за избор на понудувачите, до испораката на опремата. Сомнежите се дека со овие постапки била нанесена значителна финансиска штета на „Државна лотарија“.

Како дел од истрагата, надлежниот јавен обвинител поднесе предлог до судија за претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје за изрекување на мерки на претпазливост против второосомничениот. Предлогот вклучува привремено одземање на пасошот и други патни исправи, како и обврска за периодично јавување во судот. Оваа мерка е насочена кон спречување на можен обид за бегство или влијание врз сведоци и докази.

Обвинителството најави дека истрагата продолжува во насока на утврдување на сите факти и одговорноста на сите инволвирани во постапката.

Претходна вестДрама вечерва во „Се или нешто“: Александар уште од самиот почеток погоди кај се наоѓа милионот – еве што се случи на крајот
Следна вестЗоран ја има најстарата куќа во регионот: Сакаат да ја купат а јас и велам ,,немате пари за оваа куќа”