Еден граѓанин и двајца спасувачи загинаа за време на обилните дождови во бугарското одморалиште Елените на Црното Море, објави денес бугарскиот министер за внатрешни работи Даниел Митов.
Тој понатаму изјави дека лицето кое починало било во соба на приземјето од неговата куќа кога пристигнал првиот голем бран. „Ова е голема катастрофа во која мора да преземеме сите потребни мерки за надминување на последиците“, нагласи Митов, пренесе бугарската агенција „БТА“.
Митов ги повика луѓето да „не се спротивставуваат и да се евакуираат“, истакнувајќи дека нема точен број на оние кои сè уште не се евакуирани. „Во моментов нема кризни точки на брегот на Црното Море и се надеваме дека нема да има. Во контакт сме со Националниот институт за метеорологија и хидрологија за да обезбедиме јасност во врска со претстојните обилни дождови и да бидеме подготвени да одговориме на секоја опасност“, рече бугарскиот министер.
Шест жени, од кои три се полски државјанки, беа евакуирани од одморалиштето. Теренските возилата не беа во можност да пристапат до поплавените згради. Спасувачки екипи се испратени од градовите Несебар и Поморје, додека нуркачи и специјален амфибиски брод работат на местото на настанот.
