Триесет и три години од загинувањето на Сашко Гешовски од Кавадарци, прва жртва при распадот на Југославија

688

Триесет и три години од загинувањето на Сашко Гешовски, припадник на Југословенската народна армија, прва жртва при распадот на Југославија, се одбележаа денеска во Кавадарци. Беше положено цвеќе на неговиот споменик на градските гробишта, а беше посетена и новата фонтана изградена во негова чест, на кружниот тек што го носи неговото име.

Од кавадаречката Музеј галерија, денеска потсетија дека Гешовски бил роден во Кавадарци на 31 октомври 1971 година, основно и средно училиште завршил во родниот град. По завршување на средното образование, заминал на отслужување на воениот рок во ЈНА во Сплит, Хрватска.

– На 6 мај 1991 година во него пукал маскиран припадник на МУП на Република Хрватска и смртно го погодил со четири куршуми. Гешовски во критичниот момент бил на задача пред зградата на Воено поморската област во Сплит. Тој е првата жртва во конфликтот што предизвика распад на Југославија во 1991 година. На 7 мај во Кавадарци се одржа протестен митинг, учествуваше речиси целото население од градот и околината. Се палеа свеќи на градскиот плоштад во чест на Гешовски. Неговото тело со воен хеликоптер беше пренесено во Кавадарци. На погребот присуствуваа повеќе од 20.000 граѓани, дојдени од сите краишта на поранешна Југославија. Во Кавадарци беше прогласена тридневна жалост, потсетија од Музејот.

Во воениот конфликт во 1991 година, покрај Гешовски, од Кавадарци загина и Петре Тодоровски, роден во 1971 година.

– Тодоровски загина како припадник на ЈНА на 26 јули 1991 година, во касарната Љубљана – Поље, Репубпика Словенија. Својот млад живот го загуби како војник, додека бил на стража. Во овој конфликт загина и Мишко Митрев, роден во 1954 година во Ваташа. Митрев загина како подофицер во ЈНА во септември 1991 година, при одбрана на касарната во Ѓаково, потсетија од Музеј галеријата.

претходниот член,ДЕНЕСКА Е ЃУРЃОВДЕН: Бог го дарува Св. великомаченик Георгиј со сила да им помага на тие што го слават неговото име
Следната статијаНемили сцени во Куманово: Избоден малолетник, пренесен е болница