„Знам дека со ова јас нема да ја вратам назад меѓу живите, меѓу нас, но ова го ветив — ќе одам до крај поради тие две мали деца што ми ги остави во аманет…“
Со овие зборови Ирена Димовска пред камерите на „Канал 5“ ја раскажа трагичната судбина на нејзината снаа, 37-годишната Елена Ѓорѓиевска, која боледувала од Кронова болест и починала само неколку часа по отпуштањето од Државната клиника за дигестивна хирургија.
Семејството тврди дека причината за смртта е лекарска грешка и негрижа. Елена со недели била хоспитализирана, а по две извршени операции, нејзината состојба нагло се влошила.
Блиските раскажуваат дека уште од почетокот имало погрешна проценка и несоодветен третман. Според нив, главниот хирург кој ја извршил првата операција заминал во Америка, оставајќи ја грижата за пациентката на специјализанти, без да назначи друг одговорен специјалист.
„Вината е очигледна, сè беше направено лошо — од почеток до крај. Колку пациенти се оперирани од истата болест и си заминаа дома, само Елена не,“ велат нејзините најблиски.
Голготата, велат тие, започнала уште на Клиниката за гастроентерохепатологија, каде што претходно била лекувана. Семејството ја предало целата медицинска документација до Државниот здравствен и санитарен инспекторат, освен отпусното писмо, и бара целосно да се утврди вистината.
Од Инспекторатот за „Канал 5“ потврдиле дека примиле пријава и дека ќе спроведат вонреден надзор.
Директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, Огнен Костовски, изјавил дека е запознаен со случајот и дека ќе биде формирана внатрешна комисија за утврдување на стручноста во постапувањето.



