Почина поранешниот министер, амбасадор и новинар Мартин Треневски, соопшти неговото семејство.
Треневски е роден во 1949 година во Скопје и зад себе остави долга и богата професионална кариера во новинарството, дипломатијата и државните институции.
Новинарската кариера ја започнал во Скопје, по што работел во агенцијата ТАНЈУГ како дописник од Австралија и Јужниот Пацифик, каде што активно ја следел и известувал за македонската дијаспора. Автор е на повеќе публицистички дела.
По осамостојувањето на Македонија, Треневски бил министер за информации во првата влада на државата, а подоцна и министер во Министерството за иселеништво.
Во својата дипломатска кариера извршувал функции амбасадор во повеќе скандинавски земји, генерален конзул во Торонто и амбасадор во НАТО.
Добитник е на повеќе признанија за својата работа, меѓу кои и наградата „Мито Хаџивасилев-Јасмин“.
Погребот ќе се одржи утре на Градските гробишта Бутел.





