Таткото на Андреј Стојанов, едно од момчињата кои трагично загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на првиот ден од судењето јавно проговори за болката и разочарувањето што ги чувствуваат родителите.
Тој откри дека неговиот син работел како програмер и дека цели семејства денес доаѓаат од Кочани како оштетени, барајќи правда за своите деца.
Според него, уште на самиот почеток на процесот почувствувале голем сомнеж и впечаток дека постои „подготвен систем“ — како што рече — создаден од дел од адвокатите и обвинетите, со цел постапката да се влече во недоглед и да се зголеми страдањето на родителите.
„Се чувствуваме како фигури во игра. Нашите деца ги нема, а понекогаш имаме впечаток дека сакаат и нас да нè ‘исчезнат’, да нема кој да им запали свеќа на гробовите,“ изјави тој.
Таткото се праша со каква совест адвокатите на обвинетите прифаќаат да заработуваат, како што ги нарече, „крвави пари“, и со каква смелост најавуваат дека процесот може да трае и до дваесет години.
Потсети дека за родителите секој ден е тежок — а не па месеци или години — и дека веќе осум месеци живеат со чувство дека се изиграни и оставени без поддршка.
Изрази страв дека овој случај би можел да заврши како и другите големи трагедии — Ласкарци, несреќата со автобусот во Бугарија, пожарот во модуларната болница — за кои, според него, државата не донела вистинска правда.
Родителите, како што рече, верувале во институциите по средбите со премиерот и министерот за внатрешни работи, кои им порачале дека трагедијата во Кочани е „врв на сите пропусти и криминали“ и дека мора да има пресврт.
„Ова за нас е најважниот тест за државата,“ истакна таткото на Стојанов.
Но, наместо решителност, родителите чувствуваат дека се туркаат на страна, како да треба да молчат и да ја носат болката сами.
Тој додаде дека уште на самиот почеток од судењето се гледаат — како што ги нарече — „сметки и калкулации“ што ги прават познати адвокати, сега ангажирани како бранители на обвинетите.
„Се чувствуваме понижени и немоќни. Наместо правда, гледаме како преку разни комбинации се обидуваат да нè уништат како оштетени,“ заклучи тој.



