Тага во Илинден и реакции на социјалните мрежи: Млад живот згасна во сообраќајка

48

Трагичната сообраќајна несреќа во индустриската зона во општина Илинден, во која животот го загуби младото момче Петар, предизвика бројни реакции на социјалните мрежи и отвори нови прашања за безбедноста во сообраќајот.

Меѓу оние кои јавно се огласија е и познатиот спортски работник Игор МС Јакимовски, кој преку емотивна објава изрази жалење за загубата на младиот живот и повика на поголема одговорност на возачите.

„Загубивме уште едно златно дете во трагична сообраќајка во индустриската зона до нас. Илинден. Го загубивме Петар“, напиша Јакимовски.

Во својата објава тој посочува дека само неколку часа по трагедијата, на улиците во општината повторно биле забележани несовесни возачи кои со опасно возење ја загрозуваат безбедноста на граѓаните. Јакимовски објави и видео за кое тврди дека е снимено во раните утрински часови во населбата Марино, а на кое се гледа автомобил што се движи со голема брзина.

Според него, жителите кои живеат покрај главната улица со години се соочуваат со вакви ситуации, особено во вечерните и ноќните часови, кога, како што наведува, опасното возење станува секојдневие.

Тој најави дека снимката ќе биде доставена до Министерството за внатрешни работи и повика граѓаните да помогнат во подигнувањето на свеста за безбедноста во сообраќајот.

„Споделете за наша општа и колективна безбедност. За нашите семејства и најмлади кои се немоќни од оваа елементарна неписменост, безобразлук и самоволие“, порача Јакимовски.

Неговата објава наиде на голем број реакции и пораки со сочувство до семејството на Петар. Граѓаните во коментарите изразуваат тага поради загубата на уште еден млад живот и апелираат за поголема сообраќајна култура, построги контроли и посериозни санкции за несовесните возачи.

„Почивај во мир, златно дете Петар“, е пораката со која Јакимовски ја завршува својата објава, која за кратко време беше споделена од голем број жители на Илинден.

Претходна вестМакедонија тагува: Почина младиот Петар, блиските и пријателите се збогуваат со него
Следна вестАвионот со македонските фудбалери итно се врати во Истанбул