Две лица се здобиле со тешки телесни повреди, а едно е полесно повредено во сообраќајна несреќа што ноќеска се случила на општинскиот пат меѓу селата Калуѓерица и Подареш, во радовишко.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, несреќата била пријавена околу 02:40 часот во ОВР Радовиш.
Во судирот учествувале патничко возило „Фолксваген голф“ со радовишки регистарски ознаки, управувано од 51-годишниот М.Т. од селото Ораовица, и трактор со приколка, кој го управувал 56-годишниот Г.М. од селото Подареш.
Во несреќата тешко се повредени сопатничките во тракторот, Ф.И. (39) и А.И. (41), двете од Радовиш, додека Ѓ.И. (70) од Радовиш се здобил со телесни повреди.
Повредите биле констатирани во Клиничката болница во Штип.
Увид на местото извршила екипа на ОВР Радовиш, при што било утврдено дека возачот на патничкото возило управувал под дејство на алкохол. Алкотестирањето покажало 1,17 промили алкохол во крвта.




