Случајот со младата мајка Марина од Штип остана мистерија – нејзиниот свекор се самоуби еден месец по нејзиното исчезнување

996

Цела деценија трае нашата семејна агонија и само се молам да доживеам да ја дознаам вистината за мојата ќерка Марина, за ВИКИМЕДИА раскажува Ленче Цветкова од Кочани, чија ќерка исчезна неколку дена пред дочекот на новата година, во далечната 2015, оставајќи ги блиските со неодговорени прашања и со секојдневие исполнето со прашањето, што и се случило?

Марина е мајка на две ќерки, а родена е на денешен ден, пред 42 години. Токму на денот на нејзиниот роденден, нејзината мајка вели дека и е најтешко, но не губи надеж дека сепак еден ден ќе го прегрне своето дете.

-Марина исчезна на 32 години, од домот во Штип. Од полицијата, а не од нејзиниот сопруг дознав дека е исчезната. Се вратил доцна дома, видел дека ја нема, наредниот ден пријавил во полиција. Многу пропусти во потрагата по неа се случија од почеток. Институциите започнаа да ја бараат дури по 48 часа од пријавата, бидејќи била возрасна жена. Иако веќе десет години го повторувам истото, дека таа никогаш не би ги оставила своите ќерки да живеат во ваква неизвесност, и дека што и да се случило, вакво исчезнување не е случено по нејзина волја, сепак, моите апели останаа неслушнати.

Се сменија луѓе и луѓе на функции во МВР, никој не успеа ништо да открие за неа… Последен пат мојот сопруг пред неколку години отиде во полиција, да види дали има барем некаков нов траг, со обезбедување го избркаа надвор да чека… Сега има нови луѓе во полицијата, молам и апелирам некој од нив да се посвети на случајот, да добиеме одговори за судбината на нашата ќерка.

И верувам дека некаде постои некој кој знае што се случило, мора да има некој кој ја видел, кој има информации за неа, најгласно како мајка која живее во една постојана неиздржлива болка, молам да каже, да си ја смири совеста, да најдеме некаков мир и ние.

Секој ден ми е потежок од претходниот, ама кога доаѓа денешниот, нејзиниот роденден, преголема тага ми го раскинува срцето. Молам јавно, да не се заборави овој нерешен случај за една млада жена и мајка, вели Ленче.

Додава дека ќерките на Марина веќе пораснале, и одвреме – навреме ја спомнувале мајка им. Претешко и било што имале таква судбина, да останат без присуството на Марина и да го продолжат животот прашувајќи се што и се случило, и дали некогаш пак ќе ја сретнат.

-Многу е тешко девојчиња да растат без мајка, јас поради нив се трудам да бидам силна. Но, предолго трае сето ова. Во периодот кога исчезна, Марина немаше пасош, а не е тајна и тоа дека имаше тежок живот, работеше во Сушара во Штип, му помагаше и на сопругот кој одгледуваше стока во село во близина. Бракот не и беше добар. Уште поголема мистерија се случи кога еден месец по нејзиното исчезнување се самоуби нејзиниот свекор. Се отворија дополнителни прашања, на кои десет години не добивме никаков одговор.

Најгласно апелирам, нови луѓе се сега на функции во институциите, нека се фатат сериозно за работа, нека се реши случајот со ќерка ми, доволно долго стои во фиока. Каква и да е вистината, ние имаме право да ја дознаеме, порача мајката.

Марина Арсова се уште се води како лице по кое се трага и нејзините податоци и фотографија се објавени на страницата за исчезнати лица при Министерството за внатрешни работи.

-Родена на 06.11.1983 година во Кочани, со адреса на живеење на ул. Бул.ЈНА бр.13/7 во Штип, исчезната на ден 29.12.2015 година, пишува во регистарот за исчезнати лица, за младата жена чија судбина не се дозна цела деценија.

Извор: Вики.мк

Претходна вестКаде ќе се движи градскиот воз? Министерот Николоски сподели видео на Фејсбук
Следна вестТешка несреќа: Возило излета од патот – интервенирале и пожарникари