Случајот „Пулс“ кај судијката Диана Груевска-Илиевска

35

Судијката Диана Груевска-Илиевска од Oдделот кривично полнолетни во Кривичниот суд ќе го суди предметот за пожарот во кочанската дива дискотека „Пулс“ на 16 март со 62 жртви и 200 повредени. Основниот кривичен суд Скопје денеска соопшти дека во целост е одобрен обвинителниот акт за пожарот. Советот за оцена на обвинителен акт донел решение со кое го одобрува обвинението, по што е формиран кривичен предмет кој преку АКМИС-системот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска од Oдделот кривично полнолетни за понатамошно постапување.

„Согласно АКМИС (предметот) е распределен на понатамошно постапување кај судијата Диана Груевска-Илиевска од одделот Кривично полнолетни. Станува збор за судија со 19-годишен судиски стаж во сите оддели на овој суд, како и претходен 17-годишен стаж како стручен соработник. За сите понатамошни процесни дејствија поврзани со конкретниот предмет, како што посочивме, јавноста и странките ќе бидат благовремено известени“, соопшти Кривичниот суд.

Станува збор за предмет со 37 обвинети лица и 33 бранители, кој Врховниот суд на 25 јуни одлучи од Кочани да го премести во Скопје. Образложението беше дека со случајот треба да постапуваат „судии со стекнато искуство и познавање на кривичната материја кои ќе овозможат ефикасно, стручно и законито постапување, а воедно ќе придонесат за сензибилизирање на јавноста“.

Претходна вестКатка Божиновска: Вреди да се бориме за Тетово
Следна вестЈорданов и ВМРО-ДПМНЕ злоупотребале јавни ресурси за промоција, СДСМ поднесе приговор до ДИК