Додека Швајцарија и светот сè уште тагуваат по 40-те жртви кои настрадаа во новогодишната ноќ во клубот Le Constellation, сопствениците Жак и Џесика Морети ја шокираа јавноста со својата одбрана.
Наместо преземање одговорност, тие вината за пожарот ја префрлија на своите млади вработени, особено на 24-годишната келнерка Сијан Панина, која и самата го загуби животот во пламените јазици.
Според транскриптите од распитот до кои дојде Le Parisien, Жак Морети тврди дека келнерката на своја иницијатива изведувала „перформанс“ со шишиња шампањ и прскалки, што го запалило таванот од лесно запалива пена.
„Сијан обожаваше да биде дел од шоуто, не видовме опасност“, изјавил Морети пред обвинителите, иако признал дека никогаш не ѝ дал безбедносни упатства.
Семејството на починатата девојка и преживеаните сведоци ги негираат овие тврдења, посочувајќи дека токму сопственичката Џесика ја принудила Сијан да го носи шампањот со кацига на главата.
Еден од најкритичните моменти во истрагата е зошто излезот за итни случаи во подрумот бил заклучен. Токму зад таа врата беше пронајдено безживотното тело на Сијан. Сопствениците обвинија друг вработен дека наводно го затворил резето додека носел мраз, додека вработениот жестоко ги отфрла овие наводи.
Особено вознемирувачко е видеото кое се појави во јавноста, на кое наводно се гледа како сопственичката Џесика Морети бега од клубот носејќи ја касата со пари, целосно игнорирајќи ги жртвите кои се бореле за живот. На прашањето за малолетниците во клубот (меѓу кои и починато 14-годишно дете), таа кратко одговорила: „Можеби имале лажни лични карти“.



