„Шоу бизнис“ и прекин на затворска казна – Јовановски е болен за да биде вратен во затвор, но има сили за награди за фановите, објави Телма

4306

Кривичниот суд во петокот го продолжи прекинот на издржување на казната на Бојан Јовановски – „Боки 13“ за нови 90 дена врз основа на медицинска документација доставена од лекарски конзилиум од Хируршката болница Свети Наум Охридски. Додека Јовановски се лекува на слобода, активен е во јавноста како посетител во кафулиња и ресторани, преку социјалните мрежи и т.н. „гивавеј“ на автомобили и стан што само по себе повлекува прашање како Јовановски не може да издржува казна но може да биде присутен речиси секаде и дали ист аршин важи и за осуденици кои се исто така тешко болни и тој е на некој начин повластен, пренесе Телма.

Од скопскиот Кривичен суд соопштија дека врз основа на медицинската документација потпишана од девет доктори доставена до судот е одобрено продолжување на прекинот од судија за извршување на санкции, а според информациите на „Телма“ станува збор за судијата Јасна Челикова.

Меѓутоа прашањето дали судот ја проверил веродостојноста на наодите во документацијата или побарал друга институција да го стори тоа, одговорот е дека судија нема надлежност ниту пак може да побара некој да го стори тоа.

„Судијата за извршување на санкции постапува согласно одредбите од ЗИС како таксативно се наведени неговите надлежности и нема законски можности да утврдува, да докажува ниту да вештачи. Судијата за извршување на санкции постапува согласно Законот за извршување на санкции и нема надлежности над други органи кои се задолжени да вршат истрага и да постапуваат по допрен глас“ соопштија од Кривичен суд Скопје.
Јовановски вели дека документацијата е достапна и може да се провери.

„Мојата здравствена состојба е фактичка состојба, значи може да има сто независни анализи и вештачења коишто ќе го потврдат истото. Не станува збор за никакво фингирање на здравствена состојба и злоупотреба на мојата здравствена состојба за да јас да имам олеснување при издржување на казната“ вели Бојан Јовановски.
Обвинителството пак со законските измени од април 2024 година повеќе не дава мислење околу евентуален прекин на издржување на затворска казна и продолжување на прекинот, а во случајот со Јовановски, според информациите на Телма, пред законските измени дало неколку позитивни мислења.

Јовановски е дециден дека е во живото загрозувачка состојба, редовно оди на контроли и се лекува, но и дека мора да заработува.

„Сето тоа што го гледате како моја активност и ангажман во смисла на тој социјален живот и активноста на социјалните медиуми е мојот повик. Јас сум на прекин и го користам законскиот институт прекин, и во согласност со сите одредби го почитувам максимално. Тоа што судот го има дадено врз основа на лекарските препораки коишто се категорични изречени во однос на мојот третман, лекување и нега дека треба да бидам во домашни и либерални услови. Ниту моето семејство сме мултимилионери, нити сме биле за да можам јас да си бидам на прекин и да си седам дома и ништо да не работам. Значи мојот ангажман е во склоп со сите позитивни законски норми“ потенцираше Бојан Јовановски.

Интересно е што неколку часа по доставените прашања до Судот и Обвинителството Јовановски ја контактираше редакцијата на Телма, како што тврди поради фејсбук статус на авторот на прилогот, и негира дека добил информација од било која од овие две институции а неколку часа подоцна на неколку портали беше објавен текст во кој беа одговорени неколку од поставените прашања а карактеристично беше што текстот беше идентичен и без потпишан автор на текстот ниту пак назнака дека станува збор за ПР текст.

Останува прашањето колку осуденици со слична или потешка здравствена состојба ја издржуваат затворската казна во некоја од казнено поправните установи во државата и немаат добиено прекин како во случајот со Јовановски.

Извор: Телма

Претходна вестМакедонска вечер со македонска музика – настан кој не смеете да го пропуштите
Следна вестВработените на газдата му купиле и поклониле скапоцен автомобил: Синиша дошол во фирмата и не можел да си поверува што гледа