„Да чекориме со љубов, со болка и со достоинство – во име на оние што повеќе не можат да чекорат“
Наталија Ѓорѓиеска, сопругата на прерано починатиот Андреј од групата ДНК, повторно ја разбуди колективната болка и сочувство со неколку потресни видеа што ги сподели на социјалните мрежи — повикувајќи на поддршка на 30-тиот „Марш на ангелите“.
Во едно од видеата, Наталија објави снимки од кобната ноќ во дискотеката „Пулс“, каде избувна пожарот што однесе повеќе млади животи. На видеото се гледа како публиката безгрижно се забавува, а потоа — хаос, паника и очај додека луѓето се обидуваат да избегаат од огнот.
Во друго видео, Наталија сподели нежна семејна снимка на која Андреј со ќеркичката Јана се вози на жичара.
„Мавни ѝ на мама“, вели низ насмевка Андреј, додека малата Јана плашливо додава: „Многу е страшно.“ „Не е страшно,“ ја теши тој — момент што денес го прободува секое срце што ќе го погледне.
30-ти „Марш на ангелите“ – 15 ноември, Плоштад Македонија. Маршот ќе се одржи во сабота, на 15 ноември, со почеток во 12:05 часот на Плоштад Македонија. Настанот, кој прерасна во симбол на сеќавање, солидарност и борба за правда, повторно ќе ги обедини семејствата, пријателите и сите граѓани кои не сакаат заборавот да биде последната страница на оваа трагедија.



