Социјалдемократски сојуз на Македонија вчера го одржа својот 27-ми Конгрес, на кој беше потврден Стево Пендаровски како кандидат за претседател на државата, за претстојните претседателски избори, каде првиот круг ќе се одржи на 24-ти април, додека вториот круг е закажан за 8-ми мај.
Меѓу присутните на самиот Конгрес беше видлива и младината односно свежината во партијата, нешто што СДСМ како партија го најавуваше откако Зоран Заев ја презема партијата. Шанса на младите, кои добро ќе раководат со позициите кои би ги добиле.
Токму трендот младите во СДСМ да добиваат пратенички мандати го започна Зоран Заев, кој му даде шанса на тогашниот претседател на младината, Стефан Богоев да влезе во Собранието. Популарниот Богац на сето тоа возврати со одлични настапи, го претставуваше гласот на младите од цела држава, а потоа дојде и до градоначалнички мандат во Општина Карпош.
Тој тренд на добивање шанса за млади кадри во СДСМ ќе продолжи и откако на чело на партијата е Димитар Ковачевски, а според наши информации, повеќемина членови од младината на партијата односно од СДММ ќе се најдат на пратеничките листи на пармалентарните избори.
Од она што го дознаваме од високи функционери во партијата, Марко Михаилоски, претседателот на СДММ ќе добие навистина голема улога на претстојните избори. Михаилоски, кој потекнува од Тетово, се очекува да биде ко-носител во ИЕ6, односно да се најде на втората позиција, додека прва на листата ќе биде Славјанка Петровска, актуелната Министерка за одбрана.
Токму Михаилоски беше веднаш до Пендаровски на 27-от Конгрес на партијата, што е уште еден доказ дека СДСМ верува, но конечно почна и да им дава шанса на младите да ги покажат своите квалитети.
Сепак, не е само Михаилоски дел младите социјалдемократи кои ќе добијат можност да делуваат од Собранието. Од информациите со кои располагаме, уште најмалку 3 или 4 активисти на партијата, заедно со коалициските партнери ќе добијат можност да бидат гласот на младите од законодавната власт. Од она што е веќе потврдено, висока позиција ќе добие млад кадар во ИЕ1, веднаш зад Димитар Ковачевски кој ќе биде носител.
Се поизвесно е дека млад претставник од СДММ ќе има и во Пелагонскиот дел, исто како и во една од изборните единици на истокот, за сега траат преговорите дали тоа ќе биде ИЕ3 или ИЕ4. Сето тоа би значело најмалку 4 млади претставници во Собранието во новиот сотав, што дополнително ќе го крене квалитетот, но и борбата пред се за младите во државата.